|
| |
| |
Пораките во хип хопот |
|

|
Денес во рапот имаме безброј стилови. Поради тоа што оваа музика може да зборува за се и сешто и во неа можете да ги искажете своите најдлабоки чувства и ставови, имаме можеби најшаренолики текстови, поразновидни од било кој друг музички жанр.
Она што во последно време се запоставува во хип хопот се неговите ПОРАКИ. И покрај тоа што се повеќе луѓе се борат за ревитализација на хип хопот како движење, како социјална акција, уште повеќе луѓе од тоа веќе го сфатиле како забавна музика во која може секој секого да исплука и испцуе. И само тоа е важно. А имате милион примери од американските песни во кои можете да ја забележите пораката. Таа не мора да е во насловот на песната, не мора да биде најавувана од артистот. Неа мора самите вие да ја побарате, доволно е само да го ислушате текстот и да се задлабочите во него. Само така ќе влезете во филм и ќе разберете за што всушност станува збор во оваа книга наречена хип хоп. Само ако влезете во тој филм ќе можете да ја разберете суштината на хип хоп културата.
Свесен сум дека ние не ги правиме трендовите, туку дека ги следиме. Тоа значи дека она што моментално се нуди на Запад го увезуваме како наше, само што го модифицираме спрема нашите услови. Тоа значи дека ако на Запад тренд е дури и андерграунд артистите да прават лесни траки кои имаат за цел да поминат на топ-листите, тогаш и овде се копира истото. Едноставно состојбата само се прелева овде. На MTV и на слични медиуми не им е гајле за никакви пораки, ако се грижат за тоа тогаш ќе им се намали гледаноста зашто луѓето сметаат дека музиката е за слушање, уживање и за играње, а не за пренесување на какви било пораки. Така да, ако во Америка главни фаци во хип хопот се R’n’B пејачите и рап артистите кои рецитираат на R’n’B ритам, тоа автоматски се префрла и овде. Ама ние не сме овде да збориме за нив, зашто сепак постои една поткултура која не прифаќа се што ќе и биде сервирано. Приврзаниците на оваа поткултура размислуваат со своја глава, добар дел од нив се пуристи кои стрктно се држат на пораките кои ги оставиле нивните претходници.
Пред некој ден се потсетив на старите добри времиња, кога хип хопот навистина имаше значење за неговите практикувачи. И тоа ненамерно, кога по подолго време го погледнав спотот на Geto Boys за траката Ghetto Fantasies. На јутјуб една од најпоздравените пораки под видеото беше онаа „човеку, ова беше од времето кога хип хопот носеше пораки“. Тоа ме предизвика да напишам една колумна на оваа тема, не за да ви ги напишам пораките, туку да ве потсетам на тоа дека ги има. Дека постојат, дека е добро да се живеат во стварноста а не само во студио. Излезете малку, раздвижете се, проширете го добриот збор за хип хопот насекаде околу вас, викнете на глас за она што најмногу ви тежи на срцето, а не да го затскривате тоа зад ефтини песни за жени-курви и феик рапери. Зашто ако вие не истапите, нема никој друг да го направи тоа за вас.
|
Алек |
| |
|